Friday, November 6, 2009

Studenti teolozi od Makedonija uchestvuvaa vo megjureligiska poseta na Holandija. Razmena na studentski iskustva vo Holandija

Од 18 до 23 октомври 2009година, 13 учесници - студенти и професори од Православниот богословски факултет и Факултетот за Исламски науки имаа можност да ја посетат Холандија и да се запознаат со религиозниот живот во оваа земја, посетувајќи неколку теолошки образовни институции, како и религиозни невладини организации кои работат на полето градење добри меѓурелигиски односи.
За организирање на оваа посета Православниот богословски факултет соработуваше со организацијата Dominicanen klooster Huissen од Холандија скоро цела година. Плодовите од соработката можат да се видат во успешно организираната шестдневна посета на Холандија, од која сите учесници се здобија со едно позитивно искуство, кое, сигурно, ќе имаат можност да го земат предвид во нивната понатамошна работа како теолози и да ги имплементираат позитивните примери во својата средина.
За време на престојот, учесниците беа сместени во Доминиканскиот манастир во холандското гратче Хусен. Манастирскиот типик „Under the roof“ им ја долови онаа домашна атмосфера во која секој член си има свои обврски и придонесува за заедницата. Сите се сложија дека таквиот начин на организирање на работите придонесе да се чувствуваат како едно големо религиозно семејство. Уште веднаш по пристигнувањето, на вечерата им се придружија домаќините од Холандија заедно со нивните семејства. Така, за првпат имаа можност да се запознаат со начинот на живеење во едно холандско семејство, нивните семејни вредности, културата и храната. И сето тоа од прва рака, од многу љубезни и прекрасни луѓе кои несебично се потрудија да ги угостат и да ја задоволат нивната љубопитност.
Навистина културата на народите се отсликува и преку храната. Запознавањето на традиционалната храна на еден народ е вовед во запознавањето на неговата култура и верувања. Увидувајќи го ова, учесниците од Македонија се договорија и зготвија традиционална македонска вечера на која поканија гости од Холандија. При подготвувањето на вечерата беа длабоко возбудени од желбата прекрасниот вкус на македонската традиционална кујна и гостољубивоста на македонскиот народ соодветно да ја пренесат. Земајќи ги предвид комплиментите кои ги добија за подготвената вечера, сметаме дека ја постигнаа нивната цел.
Покрај времето предвидено за дружење и работните посети во целост го исполнуваа времето на учесниците поминато во Холандија. Беа посетени следниве институции: Исламскиот универзитет и Исламскиот центар за дијалог во Ротердам, Доминиканскиот манастир во Зволе, Холандскиот совет на црквите и Пакс Кристи во Утрехт, Институтот за Источно христијанство и Студентската црква во Нимеген како и хуманитарната христијанска организација Amsterdam Community Oudezijds во Амстердам:

Islamic University
- Исламскиот универзитет во Ротердам се одликува со голема независност од религиозната заедница. Начинот на кој тие се трудат да бидат релевантен холандски универзитет и политиката на овој исламски универзитет, која се стремат да ја прилагодат на барањата на образовниот холандски систем за да опстојуваат како акредитиран универзитет во земјата беше ново искуство за учесниците од Македонија.

Islam and Dialogue
- Тука учесниците добија можност да се запознаат и дружат со студенти - муслимани од Холандија и да слушнат за нивниот живот и нивните меѓурелигиски проекти.


Dominican Monastery Zwolle
- Најдоброто искуство кое го имаа учесниците за време на студиската посета. Се запознаа со студенти од различни краеви на Европа, кои престојуваа во манастирот веќе десет месеци како учесници во еден проект на Европската унија. Одличен проект кој ги зближува младите од различни религии и ги воспитува да ги почитуваат религиозните и културните вредности на една земја. Тоа што студентите неколку месеци се наоѓаат надвор од нивната татковина им дава можност и да се осамостојат и да стекнат позитивни вештини кои ги интересираат и ќе им бидат од корист во нивниот живот во иднина. Учесниците од Македонија имаа можност да ги разменат своите искуства со овие студенти и да дознаат нешто повеќе за начинот на кој можат и тие да аплицираат за учество во еден ваков неколкумесечен проект.


Institute for Eastern Christianity
- Изненадувачки беше за учесниците тоа што во земја како што е Холандија, со многу малку верници од православна христијанска вероисповед, постои ваков институт. Учесниците се здобија со доста интересни информации од областа на православниот христијански образовен систем и неговата отвореност кон другите христијански деноминации. Од професорите на овој Институт дознаа дека голема е заинтересираноста и на христијаните кои не се православни за студирање на овој Универзитет.


Council of Churches Netherlands
- Многу меѓурелигиски и меѓуверски проекти се организираат во Холандија под покровителство на оваа организација. Тие се најодговорни за градењето на добри меѓурелигиски односи и соработка помеѓу верските институции во Холандија.

Balkanborrel meeting
- Организацијата Pax Christy од Утрехт, специјално за учесниците од Македонија организираше средба со луѓе од Македонија и Балканот кои живеат и работат во Холандија. Интересна можност за учесниците да слушнат дали и колку се задоволни луѓето кои потекнуваат од нашите простори од животот во Холандија и можностите кои оваа земја ги нуди на иселениците. Така, сликата за Холандија стана комплетна и учесниците веќе можеа да направат споредба помеѓу македонското и холандското општество: предности, но и недостатоци.

Amsterdam Community Oudezijds
- Хуманитарна христијанска организација која опстојува толку долг период во средина каква што е Red Light District во Амстердам. Градејќи добри односи со соседите, ги избегнуваат проблемите, а сепак се присутни за оние на кои во оваа средина најмногу им е потребна помош.


За искуството здобиено од овие посети ги пренесувам импресиите на дел од учесниците:




Георгиј Глигоров, помлад асистент на Православниот богословски факултет:
„Би констатирал дека патувањето, воопшто, беше многу успешно и плодотворно, не само за мене, туку и за сите учесници во проектот. За мене, лично, претставуваше доживување, што секогаш ќе биде запечатено во мојата меморија. Учеството во овој интер-религиозен проект е особено искуство, имајќи го предвид фактот дека потекнувам од место, каде мултиетничкиот и мултирелигиозниот карактер на македонското општество не е така изразен. Шестдневното патување ги надмина моите очекувања. Сите бевме изненадени од одличната организација и богатата програма што ја понудија нашите домаќини. Секојдневно посетувавме по неколку институции: организации за интер-религиозен дијалог, теолошки институти, религиозни објекти, младински организации, организации што спроведуваат интернационални социјални проекти и сл. Во текот на тие активности ја прошетавме речиси цела Холандија, којашто изобилува со многу природни убавини, раскошна вегетација, прекрасна клима, исклучителна архитектура, култура и сл. Сфативме дека Холандија, која денес претставува богато мултиетничко и мултирелигиозно општество на некој начин има сличности со Македонија – слични проблеми и слабости. Од средбите со сите тие луѓе научивме многу, самите земајќи активно учество во претставувањето на нашата земја, на нашите образовни институции и на нашата култура.
Она што е особено важно, групата од Македонија составена од студенти и професори со различна етничка и религиозна припадност, преку заедничкото дружење и разговорите за тоа време, оствари личен пријателски однос, којшто се надевам дека ќе продолжи и понатаму во Македонија – нешто што е многу значајно како позитивен пример за меѓуетничкиот и меѓурелигискиот соживот кај нас.“


Хавса Џемаили, студент на Факултетот за Исламски науки:
„Не сум учествувала на ваква посета претходно. Тоа за мене беше големо искуство, бидејќи како прво и најважно ги запознав моите македонски пријатели одблиску, и патувањето ми помогна да се променат некои предрасуди што ги имав пред да се сретнам со нив. Исто така, бев изненадена од заклучокот дека во Холандија на жените муслиманки им е дозволено слободно да ја практикуваат својата религија и да носат облека според муслиманските прописи слободно во јавноста. Тоа ме прави среќна.
Задоволна сум од институциите кои ги посетивме, особено исламскиот универзитет во Ротердам, а исто така и Холандскиот концил на црквите. Манастирот каде што бевме сместени многу ми се допадна. Додека го разгледував манастирскиот комплекс, одејќи по ходниците, се почувствував како да сум реално во некоја сцена од филмот Хари Потер J Најпрво, холандската храна не ми се допаѓаше, но потоа мојот организам почна да се согласува со неа, па на крајот ми беше тешко да се одделам од холандската кујна. Климата, местото, просторот, сè беше прекрасно, луѓето се многу пријателски, ми се допадна нивното однесување. Не постои збор со кој може во целост да го објаснам ова големо искуство. Се надевам дека нема да биде последен пат што имав можност да бидам дел од едно вакво корисно патување и се надевам дека вашите пријателски лица ќе станат дел од мојот живот.“

текстот го подготви Анета Јовковска
помлад асистент на Православниот богословски факултет
и организатор на студиската посета во Холандија